Изминатата недела, во периодот од 16 до 22 декември, во земјава се пријавени нови 139 случаи на заболени од грип, што претставува зголемување од 17,8 проценти во споредба со претходната недела.
Најголем број на заболени, или вкупно 42 лица, се регистрирани во Дебар, а по него следат Гостивар со 33 случаи и Куманово со 22. Во Тетово се пријавени 15 заболени, додека во останатите градови, меѓу кои Скопје, Прилеп, Кавадарци, Охрид и Битола, бројот на заболени е под пет.
Заболените се на возраст од новороденчиња до 64 години, при што најмногу, или 95 лица, се на возраст од 15 до 64 години.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека од почетокот на сезоната досега се пријавени вкупно 799 случаи на заболени од грип.
Паралелно со пријавените случаи, во тек е и вакцинацијата против сезонскиот грип, која започна на 21 октомври. Според податоците на Управата за електронско здравство, до 22 декември преку апликацијата vakcinacija.mk биле вакцинирани 72.125 граѓани.