Општина Центар започна со инсталирање на 30 дигитални уреди за континуирано мерење на бучавата на најфреквентните локации во градот, со цел следење на нивото на звук и обезбедување податоци за брзо и ефикасно постапување.
Според градоначалникот Горан Герасимовски, досега се поставени 19 уреди.
– Овие сензори ќе ја следат бучавата во реално време и ќе алармираат кога ќе биде над дозволеното ниво. Со нив ги идентификуваме најпогодените точки и истовремено обезбедуваме материјал за нашите инспекциски служби – изјави Герасимовски.
Досега уреди се поставени во Дебар Маало, на улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“ и „Отон Жупанчиќ“, како и на „Боемска 1“ и „Боемска 2“. Во наредните месеци, системот ќе се прошири со дополнителни уреди на улицата „Ленинова“, во населбите Капиштец и Буњаковец, на кејот 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на Кале.
– Целта е да се покријат сите критични зони погодени од прекумерна бучава и да се обезбеди подобар квалитет на живот за граѓаните – соопшти Општина Центар.
Проектот претставува прва фаза од пошироката стратегија на општината за континуирано следење и намалување на бучавата, со користење современ софтвер за точно мерење во реално време. Јавноста ќе биде редовно информирана за активностите и воведувањето на дополнителни решенија за трајно справување со овој урбан проблем.
