Бундестагот денес ќе донесе резолуција за поддршка на македонскиот јазик и идентитет

Германскиот Бундестаг денска ќе расправа и ќе гласа за резолуција за поддршка на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, на македонски јазик и македонскиот идентитет.

Резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.

Во германскиот Парламент ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтергацијата и ситуацијата на Западен Балкан.

Германски пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

Покрај тоа, се предлага со земјите кандидати да се договорат меѓучекори за поблиски врски со ЕУ на патот кон Унијата, како што е асоцијативното членство во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика без право на глас и начин за пристапување кон внатрешен пазар на ЕУ во замена за реформи и спроведување на критериумите од Копенхаген, како и напредок во владеењето на правото.

Се бара категорично да биде одбиено секое поместување на границите на земјите од Западен Балкан, како и нивно приклучување во НАТО, засилена борба против корупцијата, продолжување на „Берлинскиот процес“ за регионална соработка и реформи во рамките на ЕУ за да се обезбеди нејзиниот иден капацитет за прием на нови членки.