Утрово скопјани се соочија со нов бран сообраќаен хаос и долго чекање по автобуските постојки. Приватните превозници повторно сообраќаат нередовно, а граѓаните реагираат дека автобусите на ЈСП доаѓаат преполни или воопшто ги нема.
Револтирани граѓани сведочат за сериозни проблеми во одвивањето на јавниот градски превоз во утринските часови. На линијата со број 23, патниците реагираат дека чекале повеќе од еден час без да се појави ниту еден автобус. Слична е состојбата и кај Железничката станица, каде што иако поминувале линии како 5, 15а и 27, тие биле толку преполни што патниците физички не можеле да се качат.
Со остри реакции излегоа и жителите на Волково, каде што според објави во локалните групи на социјалните мрежи, приватните превозници утрово речиси и да не сообраќале.
„Приватните превозници изгледа не возат денес. Од 6:15 часот чекаме автобус, повеќе од 40 минути немаше никаков превоз. Едвај околу 6:47 замина еден автобус на ЈСП од Средсело кон Лепенец. Излезете порано за да не доцните на работа и училиште“, предупредува еден жител на оваа населба.
Ова не е првпат скопјани да бидат жртви на нарушениот јавен превоз и релациите меѓу Град Скопје, ЈСП и приватните превозници:
- Јуни 2025 година: Приватните превозници целосно штрајкуваа два дена поради неисплатен долг од над 150 милиони денари од страна на ЈСП.
- Октомври 2025 година: Поради нов спор околу доспеан долг од 90 милиони денари, приватниците го скратија возниот ред и возеа само од 5 до 10 часот наутро.
- Февруари 2026 година: Нов прекин во сообраќајот настана поради дефект на АВЛ-опремата и ГПС-валидаторите во автобусите.
Граѓаните уште еднаш апелираат надлежните институции конечно да најдат трајно решение за јавниот превоз, бидејќи секојдневните доцнења и метежот на постојките директно го нарушуваат нормалното функционирање на главниот град.