Македонија

Четири години од несреќата во Ласкарци каде загинаа 16 луѓе – сè уште никој не е прогласен за виновен

Четири години од несреќата во Ласкарци каде загинаа 16 луѓе – сè уште никој не е прогласен за виновен

Четири години од страшната несреќа во Ласкарци каде автобус на компанијата „Дурмо турс“ се преврти.

На 13 февруари 2019 година се случи несреќа во која загинаа 16 лица, а според информациите возачот изгубил контрола над возилото.

Денес, дури 4 години по тој кобен ден, Македонија се уште ја нема посакуваната правда, а судењето и понатаму е пред првостепениот суд.

За несреќата што се случи кај Ласкарци на 13 февруари 2019 година, на Обвинителството му беа потребни само три и пол месеци за да направи увиди, распити, вештачења и да поднесе обвинение против шест лица на 1 јули 2019 година.

Првото рочиште се одржа на 5 септември 2019 година, кога на обвинителна клупа се најдоа сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бејлули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Дурмиш Бејлули.

По речиси две години судење, на 11 ноември 2021 година, Кривичниот суд нарача и супервештачење по барање на дел од обвинетите.

Клучна причина е тоа што вештачењето на Обвинителството покажува обид на возачот да кочи, додека одбраната на останатите обвинети покрај шоферот, го тврди спротивното.

Супервештачењето беше готово по дури една година и два месеци, односно на 27 декември 2022 година.

Вчера во Гостивар на комеморативен собир на градскиот плоштад беше одбележана годишнината од загинувањето на патниците, а беше и промовиран спомен парк.

Во спомен на загинатите беа вклучени 16 рефлектори кои беа насочени кон небото.

На овој ден во 2019-та година, на линија Скопје – Гостивар, автобус на превозникот „Дурмо Турс излета од коловозот со 51 патник.

Како последица на повреди здобиени но несреќата животите ги загубија: Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Бобан Аврамовски, Дејан Ристоски, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Јовица Трпевски, Бесим Фетаи, Онур Садику, Трпана Јаневска, Павле Костоски, Арсе Арсоски, Ферди Касо и Ерза Османи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни