Четворица загинаа во протестите против војската што владее со Судан

Во Судан денеска беа убиени четворица демонстранти, соопштија медицинските лица откако многу луѓе протестираа и покрај засилените безбедносни мерки и прекината комуникација за да изразат несогласување со војската, која ја презеде власта пред осум месеци, пренесе Ројтерс.

Во централниот дел на главниот град Картум, безбедносните сили употребија солзавец и водени топови за да ја спречат толпата да се упати кон претседателската палата, изјавија очевидци. Според нив, десетици илјади луѓе учествувале во демонстрациите во Картум и градовите Омдурман и Бахри во близина на главниот град. Во Омдурман, очевидци пријавија солзавец и пукање употребени од безбедносните сили за да ги спречат демонстрантите да влезат во Картум.

Се вчитува...

Протестите ја одбележуваат третата годишнина од масовните демонстрации за време на бунтот што го собори автократскиот претседател Омар Башир, кој владееше со земјата од 1989 до 2019 година, и доведе до поделба на власта меѓу цивилните групи и војската.

Во октомври минатата година војската на чело со генералот Абдел Фатах ал Бурхан ја собори преодната влада. Следуваа собири, на кои се повика армијата да се повлече од политиката.

Некои демонстранти денеска носеа плакати со кои се повикува на правда за загинатите во претходните демонстрации. Други скандираа: „Бурхан, Бурхан, вратете се во касарната и предадете ги вашите компании“, мислејќи на оние што ги водат воените економски стопанства. Претходно, демонстрантите забарикадираа некои од главните улици во главниот град со камења и запалени автомобилски гуми. За прв пат по неколкумесечните протести против октомврискиот пуч, беа прекинати интернетот и телефонските врски.

По военото преземање, продолжените воени прекини на Интернет беа очигледен обид да се спречи протестното движење.

Четворицата убиени денеска, сите во Омдурман, го зголемија бројот на убиени демонстранти по пучот на 107.