Во Магдебург, околу 100 спасувачи, полицајци, пожарникари и медицински работници реагирале на нападот на божиќниот базар.
Меѓу медицинскиот тим биле и двајца лекари од Македонија, д-р Златко Станковски и д-р Владимир Митевски, кои работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург.
д-р Владимир Митевски во изјава за ТВ24 истакна дека таму сите се длабоко потресени од нападот.
„Во моментот на несреќата јас бев дежурен на одделението за интензивна кардиолошка нега. Додека доктор Станковски се наоѓаше на друг божиќен базар, оддалечен околу 500 метри од местото на нападот“, вели Д-р Митевски.
Тој додава дека за нападот дознале преку ефикасен систем кој се практикува во Германија и истиот е за алармирање на сите лекари за итна медицинска помош во случаи на трагедии и природни катастрофи.
„Информацијата брзо се прошири. Во болницата веднаш беше формиран кризен штаб составен од раководните лица. На терен пристигнаа многу колеги кои не беа на должност, вклучувајќи доктори од различни специјалности, медицински сестри, помошен персонал. Организацијата и солидарноста беа на највисоко ниво. Во нашата болница беа примени 11 пациенти со тешки повреди и 67 со полесни повреди“, вели Митевски.
Д-р Митевски изрази надеж дека во иднина вакви трагични настани никогаш нема да се повторат.