Давкова и Муцунски патуваат за Софија, средба и со Радев?

Во петок претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе присуствува на гостувањето на Македонската опера и балет во Софиската опера и балет. Нашата Опера во главниот град на Бугарија ќе се претстави со „Набуко“ од Џузепе Верди.

Сепак, како што неофицијално дознава ТВ21, за време на посетата, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари и билатерална средба со својот домаќин, претседателот на Република Бугарија, Румен Радев. Тие се очекува заедно да седат во публиката, но според непотврдени информации, претседателката ќе биде придружувана и од двајца министри за време на својата посета. Се очекува тоа да бидат министерот за култура Зоран Љутков, но и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, за кои засега не е потврдено дали ќе остварат официјални средби со своите бугарски колеги во Софија.

Инаку, едно од првите појавувања на Сиљановска Давкова откако стапи на функцијата, беше токму на гостувањето на Софиската опера и балет во Скопје, каде го потенцираше значењето на културната дипломатија.

-Не мислам дека минатото ни е романтично, ни вашето ни нашето, но мораме да живееме денес и да работиме за иднината, изјави Сиљановска Давкова пред изведбата на операта „Валкира“ во МОБ, на 17-ти мај годинава.