Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за Канал 5 изјави дека не верува дека идентитетот може да се препознае низ ајвар, вино или пинџур, туку дека тој се дефинира преку јасни параметри наведени во основачките документи на Европската Унија.
„Како докторирана во Словенија, која ја чувствувам како втора татковина, верувам дека изјавата на еврокомесарката Марта Кос била случајна или несреќна. Не сакам да верувам дека идентитетот се сведува на гастрономски производи, особено што дел од нив веќе се преземени од Словенија,“ истакна Сиљановска Давкова.
Таа нагласи дека националниот идентитет, како што покажува примерот со словенечкиот поет Франце Прешерн кој пишувал на германски јазик, не може да се спореди со етнички или културни симболи.
„Ако во нашата држава постојат високи функционери кои кооперативно тврдат дека Гоце Делчев бил Бугарин или дека јазикот е ист, тогаш не е изненадувачки што слушаме вакви изјави,“ додаде претседателката.
Таа исто така укажа дека во Повелбата за фундаменталните права на ЕУ јасно е наведено дека се почитува националниот и културниот идентитет на сите народи и дека тоа е столб на европските вредности.
Во однос на критиките околу барањето да се спомене „многувековен“ македонски јазик во извештајот на Европскиот парламент, Сиљановска Давкова рече дека тоа е само признавање на историскиот развој на јазикот и дека тоа не значи ништо спорно.
„Доколку навистина се решено, зошто Бундестагот донесе декларација за македонскиот јазик и идентитет?“, праша таа, потенцирајќи дека се уште постојат негирања од страна на соседна Бугарија.
Во врска со барањето на Софија за признавање на бугарско малцинство во Македонија, Сиљановска Давкова посочи дека тоа барање првпат се појавило во 2022 година и дека претходно такво прашање не постоело.
„Венецијанската комисија и европските органи уште од 2008 и 2010 година препорачуваат на Бугарија да ги гарантира малцинските права во својот Устав, но Бугарија не ги спроведува тие обврски. Тоа е пример за двојни стандарди и демократски дефицит,“ подвлече претседателката.
Таа додаде дека од дипломатските средби забележува дека странските политичари не се секогаш доволно информирани за прашањата поврзани со македонскиот идентитет и јазик.
„Не е до нив, туку до нас е да ги кажуваме фактите, водени од националниот интерес, а не да кажуваме само она што сакаат да слушнат,“ заклучи Гордана Сиљановска Давкова.