Дел од бензинските пумпи во Скопје прекинаа со продажба на дизел гориво, во пресрет на новото поскапување што стапува на сила од полноќ.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) одлучи од 18 август во 00:01 часот дизелот да поскапи за 6,50 денари и да достигне максимална цена од 98 денари за литар. Бензинот Еуросупер БС-95 ќе се продава до 91,50 денари, а БС-98 до 93,50 денари за литар.
Одлуката на РКЕ предвидува просечно зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати за 4,85 отсто, како резултат на повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар.
Од РКЕ појаснуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците можат да продаваат гориво и по пониски цени.