Дел од родителите на учениците во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае денеска најавија дека ќе ги задржат децата дома поради сомнеж дека не се обезбедени соодветни услови за безбедна настава по масовното труење на околу 80 деца.
Родителите побараа целосна дезинфекција на училиштето и нови контроли од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и истакнаа дека ќе чекаат заклучоци од вонредната седница на Советот на родители.
Родителите кои утрово ги пуштија децата на настава изјавија дека веднаш по завршувањето на часовите ќе ги земаат, а на децата им испраќаат антибактериски средства, марамици и храна од дома. Тие изразија стравување од можно заразување и нагласија дека ќе чекаат конечни резултати од анализите.
Директорката на училиштето, во изјава за Телма, потврди дека викендов е извршена целосна дезинфекција и дека учениците можат безбедно да се вратат на настава.
Претходните анализи открија бактерии во храната и на чешмите, како и норовирус кај повеќе ученици.
