„Гласник на слободата“ ќе биде слоганот на овогодинешната прослава за 8 Септември – Денот на независноста. За одбележувањето нво организација на Владата ќе бидат одржани повеќе свечени и културни настани и активности во целата држава.
На 7.09.2023 година (четврток) со почеток во 18:30 часот, во Филхармонија ќе се одржи Свечена академија – „32 години независност“, на која ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
На 8.09.2023 година (петок) во рамки на чествувањето на 32 години од прогласувањето на независноста на државата, во 10:00 часот, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски во состав првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за здравство Фатмир Меџити, ќе оддаде почит и ќе положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Во 10:45 часот, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити заедно со директорот на ГОБ „8-ми Септември“ др. Христијан Костов, во ГОБ „8-ми Септември“, ќе присуствуваат на презентација на нова опрема и апарати.
Одбележувањето на Денот на независноста, ќе продолжи во Градскиот парк во Скопје, на просторот во близина на локацијата „Школка“, каде ќе се одржат тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи. На локацијата „Школка“, е предвидена и културно-уметничка програма, во рамки на која ќе учествува воениот оркестар на Армијата на Северна Македонија, културно-уметнички друштва, членовите на „Златно славејче, како и програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат претстава „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).
Во текот на денот, на истата локација, сите заинтересирани ќе имаат можност да бидат дел од серија спортски активности организирани во соработка со Агенција за Млади и Спорт.
На манифестацијата во Градскиот парк, ќе присуствува премиерот Димитар Ковачевски и членови на Владата.
