Десет години од крвавите настани во Диво Насеље – Куманово им оддаде почит на загинатите херои

Денеска се навршија 10 години од трагичните настани во кумановско Диво Насеље, кога на 9 мај 2015 година терористичка група од Косово влезе во Македонија и предизвика дводневни вооружени судири со безбедносните сили. Куманово им оддаде почит на осумтемина припадници на МВР кои загинаа во антитерористичката акција.

Во црквата „Свети Никола“ беше одржана панихида во нивна чест, а во кругот на СВР Куманово поставена е и спомен-плоча со нивните имиња.

„Во чест на десетгодишнината од трагичниот настан, со длабока почит се сеќаваме на осумтемина припадници на безбедносните сили кои храбро ги положија своите животи. Нивната жртва, постхумно одликувана со медали за храброст, останува вечен симбол на непоколеблива посветеност и несебично служење“, напиша на Фејсбук градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој додаде дека оваа годишнина не е само повод за сеќавање, туку и повик за обединување околу вредностите на мирот, стабилноста и заедништвото.

Во судирите со терористичката група, покрај осуммината загинати полицајци, беа повредени уште 37 припадници на безбедносните сили. Животот го загубија и 10 членови на вооружената група.

Загинаа:
Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ – сите посмртно одликувани со медали за храброст.

Судењата за овој случај завршија со строги пресуди – дел од напаѓачите добија доживотен затвор, а другите беа осудени на 40, 20 и 12 години казна затвор.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното