Дескоска: Очекувам целосна поддршка од Собранието за Законот за судовите

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска денеска одржа прес-конференција посветена на позитивното мислење од Венецијанската комисија за Законот за судовите.

„Сакам да информирам дека конечно после четири години ги имплементиравме препораките на Венецијанската комисија кои се однесуваат на Законот за судови.

Се вчитува...

Венецијанската комисија после оценска мисија во Македонија, во 2015 година усвои мислење со бројни забелешки и препораки кои се однесуваа на системот на дициплинска одговорност и разрешувањето на судиите. По тоа мислење донесени се уште две мислења во 2017 и во октомври 2018 кои укажуваа на одреден напредок во имплементирањето на препораките.

По добивањето на мислењето во октомври оваа година, пристапивме кон процес на интензивни консултации со експертите на Венецијанска комисија за одредување на деталите на кои треба да обрнеме посебни внимание во драфтирањето на измените на законската рамка. Текстот кој Владата го усвои и го испрати во Собранието на Република Македонија го испративме на повторна потврда на Венецијанската комисија и вчера добивме одговор и оценка на нацрт законот кој е во собраниска процедура.

Во својот одговор Венецијанската комисија изразува задоволство од одличната соработка меѓу Владата и Венецијанската комисија. Во писмото се наведува дека предложените измени на Законот за судови се во согласност со препораките на Венецијанската комисија изразени во претходните мислења. Истакнуваат дека текстот на Законот за судови е сега многу појасен, внатрешно покохерентен и подобро го изразува еврпскиот пристап на одговорноста на судиите.

Во писмото се наведува дека нивните препораки се соодветно имплементирани. Единствена препорака која можеме да ја допрецизираме во законодавната постапка е воведување изрична одредба дека при укинување на суд, судиите кои би се трансферирале во понизок суд, треба да ја задржат платата која претходно ја примале.

Ова писмо денес ќе го испратам до претседателот на Собранието на Република Македонија да го сподели со пратениците. Во реформските приоритети кои ги добивме како задача во процесот на евроинтеграции, особено значајно место има позитивната оценка на Венецијанската комисија за Законот за судовите. Таа оценка ја имаме и офијално и очекувам сите пратеници кои го поддржуваат процесот на евроатланстаките интеграции на Република Македонија да дадат поддршка на предложените законски измени“, рече Дескоска.

Целата изјава може да ја проследите на следното видео:

Извор: ТВ21