„Дестабилизацијата“ стигна до САД – Муцунски: Платформата на ДУИ е обид за политичка дестабилизација

Прашани за наводите на премиерот Христијан Мицкоски дека за наесен се подготвува дестабилизација на државата, од американскиот Стејт департмент одговорија дека тие се во постојана комуникација со владините функциониери. Сепак, нема конкретен одговор дали токму ова прашање било покренато во разговорите на домашните власти со американските дипломати.

„Додека генерално не обезбедуваме соопштенија од дипломатски состаноци, ние сме во редовен контакт со владини функционери за широк спектар на прашања од меѓусебна загриженост.“, велат од Стејт Департментот.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека раководството на ДУИ крои план за дестабилизација на државата за да се заштител стекнатиот капитал. Потоа, без да посочи имиња, спомена и дека поранешни високи владини функционери се обидуваат да провоцираат меѓуетнички конфликт.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во телевизиско интервју изрази надеж дека нема да се оствари безбедносна дестабилизација, но сепак истакна дека постои политичка дестабилизација и ризични сценарија на ДУИ, потпомогнати од СДСМ. Во оваа насока, тој кажа дека политичката платформа за легитимитет на ДУИ е памфлет за создавање внатрешна дестабилизација и недоверба во интституциите.

„Самите вакви дискусии, самите вакви документи се обид за политичка дестабилизација. Еве, да не биде само тоа што го кажал премиерот, тоа што го гледаме и информациите коишто произлегуваат, транскриптите од говорите јавно читани на тие настани се, по мене, обид за дестабилизација.“, кажа Муцунски.

Претходно, Крешник Бектеши од ДУИ изјави дека крајната цел на платформата на Европскиот фронт и ДУИ ќе биде целосна рамноправност и да не се дозволи игнорирање и флагрантно кршење на принципите на Охридскиот договор. Тој уверува дека ДУИ нема претенции за регионализација или кантонизација на Македонија, но, како што додава, тие не можат да седат со скрстени раце пред игнорантскиот однос и деградирањето на Албанците во Македонија. Бектеши не ја исклучи можноста за протести за постигнување на целите.