Во изминатите неколку месеци на Одделот за гастроентерохепатологија при Детската клиника во Скопје е забележан зголемен број случаи каде деца побарале лекарска помош поради заглавени предмети во хранопроводот или цревата. Станува збор за деца од различна возраст, почнувајќи од бебиња до ученици, кои поради детската љубопитност или невнимание, проголтале делови од играчки, гумички за моливи, па дури и цели моливи.
Професорката Бојаджијева, раководителка на гастро одделот за МРТ објаснува дека дел од родителите не забележуваат веднаш дека детето голтнало нешто, сè додека не се појават симптоми како болка во стомакот, повраќање или други дигестивни тегоби. Дури тогаш, по детални прегледи и снимања, се открива присуство на страно тело во дигестивниот систем.
„Доколку предметот се наоѓа во желудникот или хранопроводот, може ендоскопски да се извади, но понекогаш се поместува подлабоко во цревата, што ја комплицира состојбата и може да доведе до потреба од хируршка интервенција. Постои ризик од перфорација или задржување на предметот, што дополнително ја зголемува сериозноста“, вели професорката Бојаджијева во изјава за МРТ.
Среќна околност е што, благодарение на навремената и стручна интервенција, сите деца со вакви случаи досега се пуштени дома во добра здравствена состојба. Сепак, лекарите апелираат до родителите на зголемено внимание, особено кога станува збор за мали предмети кои лесно можат да завршат во устата на децата. „Разбираме дека вакви ситуации се случуваат за миг, но е потребна поголема претпазливост и одговорност, особено кога станува збор за најмалите“, додава професорката.
Апелот на лекарите е: ситните и потенцијално опасни предмети секогаш да бидат надвор од дофат на децата, а при сомнеж за проголтан предмет – веднаш да се побара лекарска помош.