-Добар ден, денес сум многу исполнета и весела што ја направив ова добротворна акција за децата во инкубатор, стално им плетам и многу сум среќна што ме прифаќаат исто како дома вработените. Би апелирала и другите мајки што имаат време, тетки, баби, бидејќи овде работите што ќе ги донираат не се продаваат и не се фрлаат, туку се користат за бебињата кои се предвремено родени. Би ви препорачала да почнете да плетете. – вели Муши.
Во време кога стануваме се посебични и во трка за профит, Илмија Ахмет Халил или попозната како Муши е тука да не потсети за големината на човекот. Секоја година по повеќе од 100 пара чорапчиња, капчиња и стегачи им подарува на предвреме родените бебиња на Клиниката за гинекологија и акушертво во Скопје.
-Зошто ова е поспецифична работа, нема толку мали за да се купат и на нив им е најпотребна нашата помош – рече Муши.
Муши плете од 11 години, а научила од нејзината тетка. Веќе девет години нејзините производи кои се рачна изработка им ги подарува на предвреме родените бебиња. Ова го прави со задоволство и љубов, ја исполнува, ја смирува во слободното време, знаејќи за кого го прави.
-Плетам кога имам слободно време, кога ќе отидам на гости, кога ќе излезам со другарките на кафе си плетам, кај и да стигнам кога имам слободно време плетам – вели Муши.
Таа е вистински хуманитарец, им носи облека и храна на оние на кои им е потребна. Свесна за постоењето и на другите околу себе, особено на оние на кои им е најпотребна помош.
РЕПОРТЕРКА: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА