Собранискиот спикер,Талат Џафери, денешната пленарка ја стартуваше на албански јазик. Технички причини беа пречка за Џафери да зборува на албански уште од првиот ден од објавувањето на Законот за јазиците во Службен весник. Негодување од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека со ваквото однесување, Џафери го крши Деловникот за работа на Собранието.
Џафери уште еднаш им објасни на пратениците на опозициската партија, дека Законот за употреба на јазиците веќе е во сила.
„Мислам дека јасно ви е дека Законот веќе е во сила и дека веќе се спроведува Законот за употреба на јазиците. Треба да се има предвид и Деловникот и другите закони во однос на прашањето на употребата на јазиците, треба да се усогласат со Законот за јазиците во рок од една година. Ова не подразбира дека правото да се употреби јазикот е замрзнато. Имав трпение да чекам една година од носењето на Законот, во јануари 2018, до јануари 2019-та, Претседателот на државата, Иванов, да се освести и да разбере дека не може да ја попречи работата на Собранието и волјата на мнозинството“, изјави Талат Џафери – претседател на Собранието на Македонија.
Во дебатата се вклучи и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој рече дека концептот на оваа Влада и парламентарното мнозинство е градење едно општество за сите.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку дена до Уставен суд поднесе иницијатива за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува службената употреба на албанскиот јазик.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ