Македонија

Џафери: Судството е виновно за бегството на Груевски

Можеби нема да може да купи ѓеврек во Будимпешта, но екс-премиерот Никола Груевски пари на сметка ќе има уште три месеци, бидејќи никој не може да му ја укине пратеничката плата. Во текот на гостувањето во емисијата на ТВ21, Претседателот на Собранието објасни зошто не гласал за укинување на плата на Груевски. Џафери вели дека тоа не е поврзано со неговата симпатијата кон екс – премиерот, туку дека станува збор за законски ограничувања.

„Од денот на потврда дека е во бегство, сѐ додека не навршат 6 месеци и еден ден, јас не можам да ја покренам таа постапка, која сум должен да ја покренам согласно Деловникот на Собранието. Не може да има закон базиран на работните односи за лице кое е избрано на слободни избори, бидејќи се коси со Уставот“, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Претседателот на Собранието даде „правен совет“ за адвокатот на Груевски – дека може да победи на суд доколку поднесе кривична пријава против Собранието за укинување на платата на пратеникот во бегство. Но, попроблематично од платата на екс-премиерот, е бегството на Груевски, за кое рече дека е срамно за органите на редот.

„Мислам дека судството го има најголемиот дел од вината поради фактот што, со оглед на тоа дека стануваше збор за лице против кое се покренати 10 кривични пријави или колку и да се, и покренал кривична постапка против лице за кое има толку податоци од прислушуваните материјали и не побарале мерка притвор како безбедносна мерка за да не избега. Доколку навлеземе во тоа зошто полицијата не го чувала, таа треба да има налог за да чува некого“, истакна Џафери.

Џафери рече дека темата за предвремени парламентарни избори можат да ја отвораат само оние кои имаат 61 потпис на пратеници, бројка која е потребна за распуштање на Собранието.

Според него, ова е само обид за политичка пропаганда, бидејќи со 20 потписи може да има само дебата во Собрание, но тоа нема да одведе до предвремени избори.

Собранискиот спикер Талат Џафери, најави дека оваа недела ќе се знае дали албанските политички партии ќе успеат да се договорат за да излезат со заеднички кандидат на претседателските избори.

РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни