Македонија

ДИК ги презеде првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи

Државната изборна комисија денеска ги презеде од германската компанија „Дермалог“ првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи, кои ќе бидат употребени на претстојните локални избори. Во следниот период со овие терминали ќе се вршат обуките, а до 1 октомври треба да дојде и последната пратка и да се комплетира бројката на терминали и целосната дополнителна опрема.

Двестоте терминали кои се прва пратка од Германија стигнаа денеска. Тие ќе ни послужат за обука во следните месец и пол дена. Ќе треба да се обучат избирачките одбори. Прво ќе треба да се обучат обучувачи на тие избирачки одбори и поради тоа овие уреди ќе бидат полнети со фиктивни податоци од тие кои се присутни таму. Ќе се пробува како се ракува со нив за да може да бидат подготвени на денот на гласањето, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Тој најави дека следните четири пратки ќе бидат од по 950 терминали, како и дека во третата пратка ќе биде и софтверот за полнење и празнење на овие терминали, а како што рече, ќе бидат сукцесивно испорачувани во наредните четири недели, секоја недела по 950 со тоа што третата недела ќе дојде со таа пратка и софтверот.

Значи, во многу поголеми пакувања ќе бидат, така што таа динамика е договорено и писмено и ќе се оствари многу прецизно со плус/минус ден – два во отстапување во случај на доцнење, на проблеми со технички документации итн. Меѓутоа, се ќе биде спроведено како што беше кажано. Очекуваме да се исполни и тоа дека на 1 октомври ќе дојде и последната пратка. Меѓутоа, може да задоцни два-три дена што не значи ништо во целосниот процес бидејќи тие треба да бидат наполнети со 13 октомври, а некаде на 15 октомври ќе бидат однесени до општинските изборни единици за да се поделат на избирачките места за гласање, појасни Даштевски.

Тој е уверен дека се што било кажано ќе биде реализирано, бидејќи, како што рече, се работи за сериозна компанија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни