Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, денеска на 138. седница информираше дека вкупниот број на гласачи запишани во Избирачкиот список за претстојните локални избори во Република Северна Македонија изнесува 1.832.415. Од нив, во основните изводи на списокот се запишани 1.717.803 избирачи.
Кондарко појасни дека согласно евиденцијата на надлежните органи, право на глас имаат:
112.000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство,
2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, и
450 избирачи од установи за вонсемејно згрижување, кои поднеле пријава за гласање.
„Во посебните изводи на Избирачкиот список се запишани сите избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, како и лицата во затвор и установите за вонсемејно згрижување. Овие мерки обезбедуваат сите граѓани да го остварат своето право на глас“, појасни Кондарко.
На седницата едногласно беше донесена одлуката за заклучување на Избирачкиот список за спроведување на локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година.
„Избирачкиот список се заклучува за изборите за советите на општините и Советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје. Граѓаните ќе се потпишуваат во еден Избирачки список и ќе гласаат на локалните избори. Еден е избирачкиот список за сите гласачки места“, нагласи Кондарко.
Членот на ДИК, Ангелчо Ристов, додаде дека во државата се регистрирани 3.480 избирачки места, од кои во 132 места се запишани помалку од десет избирачи. Гласањето за овие избирачи ќе биде спроведено на најблиското избирачко место.
„Во предлог-упатството се наведени сите избирачки места со помалку од десет гласачи. Во тие случаи гласањето ќе се спроведе на најблиското избирачко место со повеќе од десет гласачи. Општинските изборни комисии нема да испраќаат избирачки одбори, а граѓаните ќе го остварат правото на глас на најблиското избирачко место“, рече Ристов.
Исто така, општинските изборни комисии се задолжени во координација со подрачните одделенија и регионални канцеларии на ДИК да ги известат гласачите за овие измени.
До ДИК досега се поднесени четири барања за набљудување на изборите, и тоа од:
Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија,
Амбасадата на Република Словачка во земјава,
Централната изборна комисија на Украина, и
Здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.