Грешно отпечатени редни броеви на носители на советнички листи на гласачкото ливче во Општина Ново Село утринава го попречија гласањето на болни и изнемоштени лица во оваа општина. На овие локални избори, во Ново Село пријавени се 400 лица кои, со медицинска документација, потврдиле дека не можат да излезат на избирачките места, па според законот своето право требаше да го остварат денеска.
Избирачките одбори утрово не заминале кон домовите на болните и изнемоштени лица, поради што тие не можеле да гласаат. Неофицијално, причина за тоа е грешка во редните броеви на двајца носители на листите за советници.
За случајот е информирана Државната изборна комисија (ДИК), која соопшти дека гласачкиот материјал за советници е повлечен и дека ќе се дистрибуира нов, за да сите болни и изнемоштени лица го остварат своето право на глас.
„Избирачкиот материјал од Општина Ново Село е повлечен. Денеска ниту едно пријавено болно или изнемоштено лице нема гласано. Станува збор за материјал за советнички листи. Се дистрибуира нов материјал и сите пријавени ќе можат да гласаат“, соопштија од ДИК.
Во струмичкиот регион, денеска гласаат вкупно 1.308 болни и изнемоштени лица. Освен во Општина Ново Село, гласањето се одвива и во Општина Струмица каде се пријавени 514 лица, во Босилово 232, а во Општина Василево 162 болни и изнемоштени граѓани.