По реакциите во јавноста за снимањето на музичкиот спот „Секси мама“ во „Македониум“, директорот на НУ „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка.
Оџаклиески одлуката ја опиша како личен, морален и етички чин, преку кој презема одговорност кон институцијата и јавноста.
Оставката следува по бројните реакции за снимањето на спотот на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на „Македониум“, споменик кој е заштитено културно наследство.
Претходно, Оџаклиески потврди дека просторот бил отстапен на продукцијата за снимањето, за надомест од околу 500 евра. Според неговото образложение, просторот бил даден на располагање за период од пет до шест часа.
Тој посочи дека Управниот одбор донел одлука со која се овозможува користење на просторот за снимања, соодветно наменети и со предвиден надомест.
Снимањето на спотот во „Македониум“ предизвика реакции во јавноста, при што дел од уметничката и пошироката јавност го оценија потегот како несоодветно користење на простор со историско и културно значење.
Случајот повторно го отвори прашањето за начинот на кој се користат културно-историските споменици за комерцијални и други продукции, како и за критериумите според кои се одобрува нивното користење.