Македонија

Донесена е одлука, Владата ги намалува цените на училишниот прибор – 10% на големо, и до 15% на цените на мало

Донесена е одлука, Владата ги намалува цените на училишниот прибор – 10% на големо, и до 15% на цените на мало

Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, како мерка за поддршка на семејствата пред почетокот на новата учебна година. Одлуката ќе важи од денот на објавувањето во „Службен весник“ до 30 септември 2026 година.

Според владината одлука, трговците на големо ќе бидат обврзани да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 проценти, додека трговците на мало ќе треба да обезбедат намалување од најмалку 15 проценти.

Мерката опфаќа широк спектар производи потребни за учениците, меѓу кои ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин и теста за моделирање, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои, четки, линијари и дидактички материјали.

На листата се и острилки, гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки, картонски ташни и други материјали за изработка.

Со одлуката се предвидува и обврска за јасно означување на цените. Покрај новата, намалена цена, трговците ќе треба да ја прикажат и цената што производот ја имал на 1 јуни 2026 година. Таа ќе се користи како базична цена врз основа на која ќе се пресметува намалувањето.

Од Владата посочуваат дека целта на мерката е да се намали финансискиот товар врз семејствата во периодот кога трошоците за подготовка на децата за училиште се зголемени.

Со мерката, како што наведуваат, родителите треба да добијат можност да го набават потребниот училиштен прибор по пониски и јасно означени цени, а правилата за намалување ќе важат подеднакво за сите трговци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни