Денеска Собранието по скратена постапка ги донесе законските измени според кои крајниот рок за замена на возачките дозволи со ознака „Република Македонија“ ќе биде до крајот на годината односно 31 декември 2024.
Вкупно гласаа 90 пратеници.
Сега на ред е претседателот на државата Стево Пендаровски да го потпише овој закон, а потоа истиот треба да биде објавен и во Службен весник по што ќе стапи на сила.
Овие законски измени беа на предлог на Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.
Претходно денеска претседателот на државата Стево Пендаровски откри дека засегнати се околу 270 илјади граѓани.
„Можам да ве информирам дека сите пратенички групи безмалку сите дадоа поддршка, денеска во 17 или 18 часот е закажана седница на парламентот колку што јас знам, на која ќе се донесе измена на законот за возачки дозволи со која ќе се продолжи рокот за важење во внатрешноста на државата. Мислам дека во законот ќе стои 10 месеци плус, треба да се сменат во тие 10 следни месеци околу 270 илјади возачки дозволи и тоа е изводливо“, изјави Пендаровски.