Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека по добивањето на нов доказен видео материјал во дисциплинската постапка против ФК Беса Слупчане, утврдено е дека на натпреварот ФК Беса – ФК Аеродром 2018, од 8. коло на Трета лига – Север, во инцидентот учествувал и домашниот играч Бехар Демири.
Против Демири ќе биде изречена дисциплинска санкција – доживотна суспензија од фудбалската организација.
Дисциплинскиот комесар на Трета лига – Север ги повикува сите кои располагаат со видео или друг релевантен доказен материјал поврзан со инцидентот да го достават за потребите на постапката.
Фудбалската федерација повторно најостро го осудува секој облик на насилство на спортските терени и најавува продолжување на бескомпромисната примена на дисциплинските прописи за заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници.