Вистинска драма се случувала вчера попладне на автопатот Скопје – Велес, откако осумдесет и едно годишен возач со своето возило се движел во спротивен правец, загрозувајќи ја безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Според информациите од СВР Велес, инцидентот се случил околу 17:30 часот. Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата успеале да го сопрат возилото марка „Хјундаи“ со кривопаланечки регистарски ознаки кај наплатната станица „Сопот“.
Зад воланот бил затекнат М.А. (81) од Крива Паланка, за кога било констатирано дека подолго време се движел во спротивната коловозна лента на автопатот.
„При сообраќајна контрола кај наплатната станица ‘Сопот’, сопрено е возило кое се движело во спротивен правец. По насоки од јавен обвинител, лицето е приведено во полициска станица“, информираат од полицијата.
Од СВР Велес додаваат дека по комплетно документирање на случајот, против повозрасниот возач ќе биде поднесена соодветна пријава. За среќа, благодарение на брзата интервенција на полицијата, инцидентот завршил без сообраќајна незгода и повредени лица.
