Македонија

Државниот врв со честитки за Илинден: Единство, државност и почит кон илинденскиот завет

Државниот врв со честитки за Илинден: Единство, државност и почит кон илинденскиот завет

По повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски упатија честитки до граѓаните, истакнувајќи го историското значење на двата Илиндена и повикувајќи на единство, одговорност и заедничка работа за иднината на државата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во својата честитка оцени дека Илинден е „најсветиот македонски ден“, кој ги обединува идеалите на Крушевската Република и државотворните одлуки на АСНОМ. Таа порача дека Илинден не е само спомен на минатото, туку и обврска за сегашните генерации да бидат достојни наследници на илинденците и асномците.

Сиљановска-Давкова ги повика граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, заеднички да ја градат Македонија како демократска и правна држава, со силни институции, ефикасно судство, борба против корупцијата, развиено граѓанско општество и слободни медиуми.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката нагласи дека 2 Август ги обединува граѓаните околу вредностите врз кои се темели македонската држава. Според него, Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ претставуваат историски континуитет на стремежот кон слобода, демократија и одговорност.

Тој порача дека идеалите на Илинден треба да се потврдуваат преку почитување на институциите, заштита на демократијата, јакнење на довербата и соживотот, како и преку продолжување на европскиот пат на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, истакна дека секоја генерација има свој Илинден и своја обврска да ја зачува Македонија како силна, праведна и просперитетна држава.

„Нашата генерација има задача да ја зачува Македонија силна, праведна и просперитетна, држава во која младите ќе веруваат дека вреди да останат и да ја градат својата иднина токму овде“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека државата напредува кога е обединета околу заеднички цели и повика на градење институции во кои законот ќе биде над привилегиите, а знаењето и трудот ќе бидат главните вредности.

Во честитките на државниот врв доминираат пораките за зачувување на илинденскиот завет, почитување на историското наследство и заедничка одговорност за изградба на демократска, европска и просперитетна Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни