Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се соочува со сериозни предизвици во одржувањето на транспарентноста и отчетноста во изборниот процес за 2024 година. И покрај своите надлежности и заложби за спречување на корупцијата, Комисијата е немоќна да преземе казнени мерки против функционерите и институциите кои не ги исполнуваат своите законски обврски.
Во својот најнов извештај, ДКСК алармира дека поради правни празнини во законската регулатива, Комисијата не може да покрене прекршочни постапки против оние кои не ги доставуваат потребните податоци.
„ДКСК нема можност да покрене прекршочни постапки по овој основ“, велат од ДКСК.
Она што е најзагрижувачко е фактот дека дури 826 институции не ги доставиле потребните информации, меѓу кои и 10 министерства. Ова укажува на сериозен недостаток на транспарентност и може да се интерпретира како обид за прикривање на потенцијални неправилности.
„Недоставувањето на податоци од страна на голем број институции, вклучително и министерства, е особено проблематично бидејќи овие институции управуваат со значителни ресурси и јавни средства“, соопштуваат од ДСКС.
Дополнително, извештајот на ДКСК посочува на значителни донации во изборната кампања. Коалицијата „Твоја Македонија“ се истакнува како политички субјект со најголем број донации, кои главно потекнуваат од физички лица. Според податоците, „Твоја Македонија“ примила вкупно 783 илјади евра од донации од физички лица, што го прави најголем примател на донации од овој тип.
Изборниот законик, исто така, е предмет на критика во извештајот. ДКСК укажува на слабости во правната и административната рамка, кои создаваат ризици за корупција.
„Постојат значителни проблеми во имплементацијата на законските одредби, што води кон зголемен ризик од злоупотреба на средствата. Оваа состојба бара итни реформи за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција, особено во изборниот процес“, велат од Антикорупциска.
Неопходно е да се зајакнат механизмите за надзор и контрола, како и да се воведат поостри санкции за институциите кои не ги исполнуваат своите обврски. Само така може да се обезбеди транспарентен и фер изборен процес, што е основен столб на демократскиот систем, се додава во извештајот.

