Демократската унија за интеграција (ДУИ) го осудува однесувањето на Африм Гаши, претседателот на „Алтернатива“, од каде велат дека ја шокираше делегацијата на албанскиот парламент. Гаши одби да зборува на албански јазик пред гостите, а денеска е откриен уште еден инцидент што ја потврдува неговата намера да го игнорира значењето на албанскиот јазик.
Во обид да го почитува албанското потекло на Африм Гаши, еден странски амбасадор во Скопје учел албански јазик со денови и му се обратил на Гаши на неговиот мајчин јазик. Одговорот на Гаши? Тој отворено го игнорирал гестот, одговарајќи исклучиво на македонски јазик.
ДУИ смета дека ова не е изолиран случај, туку дел од континуиран модел на самопонижување и потценување на албанскиот јазик. Наместо да биде пример за гордост и промовирање на културната разноликост, Гаши со своите постапки го деградира значењето на албанскиот јазик како симбол на идентитетот и единството на албанскиот народ.
„Со своето однесување, Африм Гаши ја изгуби довербата и легитимитетот за да ги претставува Албанците. Нашиот народ заслужува претставници кои ќе го бранат и почитуваат нашиот национален идентитет, а не такви кои го игнорираат и потценуваат,“ стои во соопштението на ДУИ.
ДУИ дополнително посочува дека овој чин можеби ќе ја зајакне позицијата на Гаши во рамки на ВМРО-ДПМНЕ, но Албанците нема да заборават ниту еден потег што го загрозува јазикот, идентитетот и достоинството на нивниот народ. ДУИ повикува на рефлексија и оставка на Африм Гаши како единствениот начин тој да го спаси својот личен интегритет.