Демократската унија за интеграција најавува дека од септември излегува на терен, откако вчера на Централното претседателство во Мала Речица е разгледан нацрт-драфтот на Пол Вилијамс кој беше ангажиран од интегративците за да изнајде решение за почитување на легитимитетот.
Ова за ТВ21 го изјави потпретседателот на партијата Арбр Адеми, кој вели дека централна манифестација предвидуваат за 13 август, а од септември ќе имаат активности на терен. Сепак тој не прецизираше за какви точно активности станува збор и дали се тоа протестите кои извесен период се најавуваат.
„Драфтот беше разгледан, анализиран и коментиран за предлог-идеи од нацртот-драфтот. Ги правиме последните консултации и коментари во однос на предлогот. Го разгледавме првиот нацрт на платформата за легитимност подготвена од Пол Вилијамс , како и други идеи од експерти од земјата и членови на Централното претседателство на партијата. Расправата за ова многу важно прашање продолжува поради сериозноста на регулирањето на прашањето на легитимитетот. Решивме централната манифестација да ја одржиме на 13 август. Одлучено е и од септември ДУИ со сите свои капацитети да излезе на терен, од Струга до Сопот“, рече Адеми.
По одржувањето на претседателството на ДУИ, од коалицијата ВРЕДИ излегоа со став дека партијата на Ахмети прави се` за да ги заштити своите криминални членови.
„ДУИ делува како криминална организација која за да ги заштити своите поранешни корумпирани функционери размислува на деструктивен начин. Албанците нема да дозволат ова криминализирано раководство на ДУИ да ги потценува. Тие знаат дека Ахмети, Груби, Османи, Мерко, Бектеши и нивната компанија немаат никаква грижа за Охридскиот рамковен договор, туку се грижат само за нивниот нелегално стекнат капитал“, изјави Фари Исени од ВРЕДИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ги барањата на ДУИ за спроведување ветинг на сите политичари изминативе 30 години велат дека тоа е само политички маневар за избегнување одговорност.
„Ова е маневар на ДУИ и СДС за да можат секоја постапка која би се отворила против член на нивното раководство да ја претстават како партиска пресметка и да убедуваат луѓе, нивни симпатизери да протестираат поради тоа што тие се наводно репресирани. Затоа наместо вакви детски игри кои им поминувале кај нивните измеќари од СДС ние велиме дека оваа држава има закони за се`, за ветинг, за потекло на имот, за злоупотреба на службената положба за перење пари и за трговија со влијание“, изјави Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, за барањето за спроведување, како што велат од ДУИ, меѓународно мониториран ветинг е политика на интегративците на која инсистираат од претходно. Низ овој ветинг тие бараат да поминат сите политичарите во изминативе 30 години, но и судии и обвинители, како и учесниците во процесот на приватизација кој беше спроведен по осамостојувањето на државата.

