Македонија

ДУИ: Забраната на Националниот Буквар е напад врз албанскиот идентитет и права

ДУИ: Забраната на Националниот Буквар е напад врз албанскиот идентитет и права

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро го осудува усвојувањето на законот во Собранието, предложен од Министерството за образование со поддршка на ВЛЕН-ДПМНЕ, со кој се забранува употребата на Националниот Буквар – симбол на албанскиот јазик и културен идентитет.

ДУИ истакнува дека овој буквар, кој го користат Албанците ширум светот, до пред неколку недели бил промовиран и дистрибуиран од страна на градоначалници на ВЛЕН како дел од проект на претходната влада. „Иронично, оние кои го славеа букварот, денес гласаа за негова забрана, испраќајќи јасна порака за непочитување на албанскиот јазик и образовните права на Албанците,“ се вели во соопштението.

Дополнителен удар врз правата на Албанците, според ДУИ, е воведувањето задолжителен тест за македонски јазик за кандидатите за директори во основни училишта, дури и во установи каде наставата се одвива исклучиво на албански јазик.

„Оваа мерка е дискриминаторска и создава длабока асиметрија помеѓу македонскиот и албанскиот јазик, поткопувајќи ја уставната еднаквост и хармонија,“ предупредува ДУИ.

Партијата изразува загриженост дека ваквите политики ги загрозуваат правата на Албанците и единството во општеството, а се во целосна спротивност со евроатлантските аспирации на земјата.

„Апелираме до актуелната влада, со нејзиниот моноетнички легитимитет, да се откаже од овие раздорни политики и да го врати фокусот на соживотот, еднаквоста и почитта меѓу заедниците. Албанците дале многу за оваа држава и заслужуваат достоинство,“ истакнува ДУИ.

Партијата најави дека ќе продолжи да ги брани правата и интересите на Албанците со сите демократски средства и ќе поддржи меѓупартиска дебата за деполитизација на образованието, во интерес на еднаквоста и правдата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни