Тројца малолетници биле затекнати како управуваат возила без возачка дозвола на подрачјето на Тетово и Гостивар, а полицијата им ги одзела возилата, соопшти СВР Тетово.
Првиот случај бил регистриран вчера околу 18 часот во селото Камењане. Полициски службеници запреле „Ленд Ровер“ без документација, управуван од 16-годишник од селото. Било утврдено дека малолетникот го управувал возилото без возачка дозвола.
Тој, во присуство на родител, бил лишен од слобода согласно член 297-а од Кривичниот законик, а возилото било одземено.
Неколку часа подоцна, околу 21:30 часот на улицата „Љубо Божиновски Пиш“ во Тетово, полицијата затекнала друг 16-годишник како управува мопед „Априлија“ без возачка дозвола. И во овој случај малолетникот бил лишен од слобода во присуство на родител, а мопедот бил одземен.
Третиот случај бил регистриран рано утринава, околу 1:30 часот во селото Дебреше. Полициски службеници запреле 17-годишник од Добридол кој управувал „БМВ“ со гостиварски регистарски ознаки, иако немал возачка дозвола.
И ова возило било одземено, а по целосно документирање на трите случаи, полицијата најавува соодветни поднесоци.