Интерпелацијата на Африм Гаши е анти-НАТО експеримент, бидејќи еден обичен инцидент на аеродромот се користи за хистерија по социјалните мрежи и по медиумите, изјави вечерва министерот за европски прашања.
„Тоа беше мотив за да се подготви простор за експеримент каде што би се видело дали постои можност за потесна и поинтензивна соработка помеѓу Левица, СДСМ и ДУИ. Бидејќи веднаш после тоа Левица поднесе интерпелација, СДСМ ја поддржа, а ДУИ бараше алиби од преќутен поддржувач на оваа иницијатива да прерасне во нивен политички координатор. Сметаме дека од вакви инцијативни од политички партии кои се прокламираат како анти-европски, анти-западни можат да штетат на евроатланската иднина и на внатрешните односи меѓу етничките заедници“, изјави Орхан Муртезани во интервју за Канал 5 телевизија.
Тој додава дека „секое загрозување на стратешката ориентаација на државата кон ЕУ и НАТО постои ризик за дестабилизација“. Претседателот на Собранието пак Африм Гаши во поднесената интерпелација не гледа дестабилизација.
„Во намерата да се покрене интерпелација и да се случува тоа што утре ќе се случува не гледам (н.з дестабилизација). Јас тоа го гледам многу демократски, затоа им се заблагодарив во вашата емисија, а и утре ќе им се заблагодарам на пратениците од Левица и ќе разговараме со аргументи“, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за Сител.
Вчера од коалицијата Вреди во соопштение испратено до медиумите оценија дека покренатата интерпелација на претседателот на Собранието претставува директен напад врз државните институции.
„Оваа интерпелација претставува директен напад врз државните институции и евроатлантските интеграции на земјата. Станува збор за иницијатива предложена од анти-НАТО партијата „Левица“, со отворена поддршка од СДСМ и прикриена поддршка од ДУИ. Се чини дека целта е тестирање на поширока опозициска коалиција, потенцијално поткопувајќи ги стратешките интереси“, велат во испратеното соопштение од коалицијата Влен.

