Министерот за здравство Азир Алиу денеска соопшти дека утре експерт за пластична хирургија ќе ги посети повредените од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кои во моментов се на рехабилитација во установата во Пониква. Целта на посетата е да се проценат нивните медицински и хируршки потреби и да се утврди како може најдобро да им се помогне.
– Во Пониква се сместени 45 граѓани, со нив работат двајца лекари и три медицински сестри. Рехабилитациската програма е во тек од сабота, а во понеделник пристигнуваат и дополнителни професионалци кои ќе се вклучат во активностите, рече Алиу на прес-конференција.
Министерот истакна дека условите во Пониква се добри, со пријатна температура и активности на отворено како дел од психофизичката рехабилитација на повредените.
Во однос на последиците од трагедијата во Кочани, Алиу најави дека Министерството за здравство подготвува долгорочна програма за поддршка на градот, која нема да се фокусира само на повредените, туку ќе биде насочена и кон целата заедница.
– Анализираме формирање на интерактивен ресурсен центар кој ќе понуди различни видови поддршка и програми за граѓаните. Засега не е дефинирано каде точно ќе биде лоциран, но ќе биде во државни простории во центарот на Кочани, најави министерот Алиу.
Ова е дел од поширокиот ангажман на институциите за справување со последиците од трагичниот настан и за обезбедување трајна поддршка за заедницата.