Обвинетите пратеници за настаните од 27-ми април се покорисни надвор, отколку во затворот, смета правниот експерт, Сејфулах Османи. Според него, нивните гласови во Собранието ќе служат на општеството, затоа како што вели, амнестијата е ексклузивно право на Парламентот. Османи додава дека Законот за амнестија нема да влијае врз работата на правосудството.
„Мислам дека нашето општество треба да го прифати ова како нешто највредно. Значи, нивните гласови се во општ интерес на општеството, отколку загубата што ќе ја добиеме со нивното помилување и неодење во затвор. Не мислам дека станува збор за упад во правосудството, бидејќи амнестијата е ексклузивно право на Парламентот и го дава само Парламентот, па затоа немаме зошто ова да го гледаме како упад во правосудството. Правосудството го кажа своето и го процесираше прашањето. Тие се обвинети и повеќето од нив беа во притвор, правосудството ја заврши својата работа. Не е негова работа да оценува кој ќе биде помилуван, а кој не“, вели Сејфулах Османи – правен експерт.
Ќенан Османи, пак, со став дека амнестијата е еден вид политички пазар. Според него, Законот за амнестија воопшто не требало да биде донесен, но судејќи по креираната ситуација, вели дека законот е добро изготвен.
„Политиката секогаш влијае во ваквите ситуации. Овој закон беше усвоен бидејќи беше потребно 2/3 мнозинство за да се реализира процесот на интеграција на земјата, односно уставните измени. Овие гласови беа од групата пратеници одделени од ВМРО-ДПМНЕ. Овие пратеници ја условија Владата како предлагач. Законот во номотехнички аспект е добро осмислен, бидејќи ги разликува поединците кои извршиле насилство во Собранието и ги одредува инспираторите, осмислувачите и организаторите на насилството во Собранието. Она што останува дилема во однос на овој закон, е што сега сѐ останува во рацете на Судот и Обвинителството“, вели Ќенан Османи – правен експерт.
Откако законот помина во Собранието, сега на потег е Претседателот Ѓорге Иванов. Од Вила Водно сѐ уште нема одговор дали Иванов ќе го потпише или не законот, за потоа да биде објавен во Службен весник. Инаку, Иванов досега одби да потпише два закони кои беа усвоени во законодавниот дом, односно Законот за употреба на јазиците и Договорот од Преспа.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ
