Франција се подготвува за најжешкиот ден од актуелниот топлотен бран, со температури што можат да достигнат до 43 степени Целзиусови во западните делови на земјата, поради што стотици училишта се затворени. Првпат во историјата на земјата за 22 јуни беше издадено највисоко ниво на предупредување за жештина за половина од територијата.
Метеоролозите предупредуваат дека горештината може да биде толку сериозна колку бранoт од 2003 година, кога во целата земја починаа речиси 15.000 луѓе. Според метеоролошката служба Метео-Франс, попладнево температурите може да се искачат до 43 степени во Бордо и 39 степени во Париз, пренесе АФП.
Повеќе од 800 од вкупно 60.000 училишта ќе бидат затворени, а во други околу 1.800 ќе се променат распоредите на наставата, соопшти Министерството за образование. Од минатата недела дел од училиштата им препорачаа на родителите да ги задржат децата дома или да ги земаат напладне, за да избегнат престој во прегреани училници.
Наставничка од основно училиште во регионот на Бордо, која побара анонимност за да може слободно да говори, изјави дека е загрижена што властите не преземаат мерки за ладење на образовните објекти. „Минатата недела температурата во училницата со учениците беше 32 степени. Ситуацијата само ќе се влошува, додека супермаркетот спроти училиштето е пријатно разладен со клима-уреди. Сите се преправаат дека тоа е нормално, но еден ден ќе ни остане да предаваме по ходниците на супермаркет“, рече таа.
Белгија суспендира дел од железничкиот сообраќај поради очекуваните рекордни горештини и ризикот од оштетувања на шините. Според метеоролозите, во среда се очекува историски рекорд, со 37 степени во сенка, при што високите температури може да потраат неколку дена.
Раководството на железниците стравува од деформација на шините и почести дефекти на возовите, што може локално да предизвика запирање на целокупното движење. Некои од суспендираните возови немаат климатизација и се користат само во шпиц, па во остатокот од времето стојат на сонце без ладење, што дополнително ги прави неупотребливи, наведуваат локални медиуми.
Последниот температурен рекорд во Белгија беше измерен летото во 2020 година (35–36 степени) и се совпадна со тогашните противепидемиски мерки и ограничувања на движењето, кога граѓаните најчесто остануваа дома. Оваа недела, поради скратениот возен ред, дел од вработените веројатно ќе ја искористат можноста да работат од дома во половина од работното време, што го дозволува локалното законодавство, додаваат медиумите.