Со вкупна инвестиција од 10,4 милиони евра, компанијата Електродистрибуција во првите шест месеци од 2025 година реализираше повеќе инфраструктурни проекти за модернизација и подобрување на нисконапонската дистрибутивна мрежа низ земјава. Главна цел на овие активности, како што соопштија од компанијата, е зголемување на стабилноста на системот и намалување на загубите на електрична енергија.
Во рамките на проектите, екипите на терен поставиле 135 километри нова нисконапонска мрежа, ги замениле старите столбови и проводници и инсталирале нови уреди за далечинско мерење на повеќе локации.
Од Електродистрибуција најавуваат дека инвестицискиот циклус продолжува, со планирани дополнителни 2 милиони евра за слични проекти до крајот на 2025 година.
„Со овие инвестиции, Електродистрибуција ја зајакнува дистрибутивната мрежа и поставува уште постабилна основа за понатамошен развој на енергетскиот систем“, се вели во соопштението.