Епидемиолошката состојба во Гостивар постепено се стабилизира, но здравствените власти продолжуваат со засилен мониторинг поради можноста од појава на нови заразни заболувања. Ова го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, кој информираше дека акутната фаза на епидемијата е при крај.
Според Клековски, во изминатите четири дена бројот на нови прегледи се движел од 80 до 125 дневно, но сè уште не може точно да се утврди колкав дел од овие случаи се директно поврзани со епидемијата, а колкав дел се вообичаени здравствени состојби.
„Во јули, според повеќегодишните податоци, просекот во Гостивар бил околу 25 пријави за заразни заболувања. Ќе треба епидемиолошките анализи да покажат што е последица на епидемијата, а што е редовна појава“, изјави министерот.
Последните податоци покажуваат дека се регистрирани 869 формални пријави, а епидемиолошки се анкетирани 602 лица. Клековски повторно упати апел до граѓаните да соработуваат со здравствените служби за полесно следење и контрола на состојбата.
Во координација со Комисијата за заразни болести е донесена одлука за воведување здравствен надзор во постакутната фаза на епидемијата. Особено внимание ќе биде посветено на навремено откривање на можни случаи на хепатит А, хепатит Е и други заразни заболувања кои би можеле да се појават по завршувањето на епидемијата.
До Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари ќе бидат доставени дополнителни насоки за понатамошно постапување и информирање на населението.
Министерството за здравство во наредниот период ќе спроведе и детална анализа на текот на епидемијата, користејќи ги податоците од системот за пријавување заразни болести, како и евидентираните случаи со дијагнози поврзани со ентероколит и слични заболувања од 1 јуни наваму.
„Целта е објективно и непристрасно да се утврди како се развивала епидемијата и како реагирал системот, по што јавноста ќе биде детално информирана“, рече Клековски.