Првиот извиднички камп со наслов „Есенски бакнежи и прегратки“ заврши „трагично“. Наместо камп на кој малолетници ќе се образуваат, тоа преминало во секс-камп и непригодна содржина и активности за малолетници.
Првиот човек на Сојузот Бобан Москов, три дена не одговара на поканата на Сител да даде свој став за случувањата во скопскиот одред. Но затоа сега преку соопштение Сојузот ги кара медиумите и тврди дека со сензационалност го нарушувале угледот на извидништвото.
„Сојузот на извидници на Македонија во изминатите денови вложи сериозни напори да се воздржи од коментирање на сензационалистичките објави на речиси сите медиуми во државата во врска со наводни скандалозни активности на извиднички камп. Сепак, поради огромниот број на медиумски наслови и “стории” кои содржат очигледни намери за генерализирање на настанот и дискредитирање на извидничката организација, принудени сме да реагираме со вакво соопштение, со цел барем во одредена мера да ги ублажиме непроценливите штетни последици кои се предизвикани по извидништвото, како резултат на безмилосниот натпревар помеѓу медиумите за максимизирање на бројот на гледачи, слушатели и посетители“, се вели во нивното соопштение.
За случајот со контроверзниот извиднички камп се заинтересирал и Народниот правобранител кој за ТВ24 појаснува дека оформиле предмет во кој ќе го испитуваат корпусот на детски права до кој степен се прекршени. Народниот правобранител ги повикува родителите чии деца учествувале на кампот да се обратат до нив за помош.
„Ние сега ќе ги испитаме сите околности, што значи ќе ги прибавиме и документите околу тоа кој, како, дали бил овластен, со каква дозвола и така натаму. Кои се субјектите кои се инволвирани, а доколку има и заинтересирани родители на овие малолетни лица еве упатувам апел слободно да ни се обратат и по нивни иницијативи како претставки ќе ги процесуираме, и соодветно на тоа ќе се обратиме до надлежните органи за испитување на случајот и давање соодветни препораки за елиминирање на евентуалните повреди“ – вели Насер Зибери – народен правобранител.
Во екот на предизборната камапња, скандалот најде место и во политиката.. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека град Скопје финансиски поддржал контроверзен извиднички камп, а градоначалникот Шилегов пак им одговори дека Скопје финансира бројни едукациски проекти и дека не можат да го предвидат текот на секој од нив.
– Залудно се трудеше Шилегов да ја одбегне одговорноста, скандалозниот камп и настаните кои се случиле се финансирани од Град Скопје и тоа јасно се гледа во овој документ, вели Митева.
– Ги замолувам ВМРО-ДПМНЕ, зборуваме за дечиња, за родителски грижи, срамота е да се користат тие емоции. Аман веќе да престанеме со такви политики. Апликацијата подразбира камп со средните училишта, ова е надвор од училиштата, вели Шилегов.
Обвинителството побара а полицијата ги распрашаа учесниците, но и одговорните за летниот камп во кои под превезот на сексуална едукација шестнаесет годишни деца импровизирале секс пози, биле распрашувани за бројот на сексуални партнери и требале да симулираат секс. Дали и какви кривични пријави ќе бидат поднесени обвинителство треба да соопшти откако ќе ги собере сите докази.
Од првиот скопски извиднички одред вчера соопштија дека овој камп традиционално се одржувал секоја година и дека настаните кои што се случувале се погрешно протолкувани или децата не ги разбрале игрите. Инволвираните во случајот беа повикани на разговор во полиција, а обвинителството и натаму ги истражува случувањата во овој камп.