Голем здравствен инцидент на крстосувачкиот брод „Хондиус“ доведе до целосна евакуација на сите патници, откако беше потврдено ширење на хантавирус, кој веќе предизвика смртни случаи и зарази повеќе лица за време на патувањето.
Бродот, кој пловел од Тенерифе кон Холандија, останал речиси празен по напуштањето на последните патници и дел од екипажот. Сега продолжува кон Ротердам, каде ќе биде подложен на темелна дезинфекција.
Според податоците потврдени од здравствените власти и Светска здравствена организација, досега се регистрирани седум лабораториски потврдени случаи поврзани со бродот, додека уште две лица се водат како можни заразени. Во меѓувреме, три лица починале, а кај две од нив вирусот е лабораториски потврден.
Меѓу најтешките случаи е француска државјанка која по евакуацијата била позитивна на тест и пренесена во болница во Париз, каде нејзината состојба е критична. Таа претходно пријавила симптоми слични на грип без покачена температура, но првично медицинскиот персонал на бродот ги припишал симптомите на анксиозност.
Во рок од 48 часа, од бродот биле евакуирани околу 120 патници од 23 земји, додека 26 членови на екипажот и двајца здравствени работници останале за да ја завршат постапката и транзитот до пристаништето во Холандија.
СЗО препорача сите лица кои биле на бродот да останат во 42-дневна изолација, иако е оценето дека ризикот од натамошно ширење на инфекцијата е низок.
Епидемијата почнала по смртта на постар холандски патник на 11 април, кој прв развил симптоми поврзани со инфекцијата, но починал пред да биде направено тестирање. Неговата сопруга подоцна го напуштила бродот на островот Света Елена и отпатувала во Јужна Африка, каде починала два дена по пристигнувањето.
Подоцна, на 2 мај, на бродот починала и германска државјанка, што дополнително ја зголеми загриженоста за брзото ширење на вирусот во затворени услови на крстосувачки брод.