Македонија

Еврокомесарката Марта Кос во Скопје: Стартува лидерската средба ЕУ – Западен Балкан

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Во рамки на посетата, Кос ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски, а ќе учествува и на лидерската средба ЕУ – Западен Балкан што се одржува во Скопје. Централна тема на состаноците ќе биде Планот за раст на Западен Балкан, кој треба да поттикне економска интеграција и побрзо приближување на регионот кон Европската Унија.

За попладне е планирана тет-а-тет средба помеѓу еврокомесарката и премиерот, по што ќе следи и проширена билатерална средба со делегациите.

На лидерската средба учество ќе земат шефовите на држави и влади од земјите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.

Утрешниот дел од програмата предвидува два панела. Првиот панел ќе биде фокусиран на претставување и дискусија за Планот за раст, каде што обраќања ќе имаат премиерот Мицкоски и еврокомесарката Кос. По завршувањето на панелот ќе се одржи заедничка прес-конференција. Вториот панел ќе се фокусира на практичните механизми и видовите поддршка потребни за успешно спроведување на Планот за раст.

Посетата на Кос беше најавена од Европската комисија, која истакна дека целта е продлабочување на соработката и унапредување на процесот на европска интеграција на Западен Балкан. На средбата во Скопје ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Поради одржувањето на лидерската средба, во централното подрачје на Скопје е воведен посебен сообраќаен режим. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да имаат разбирање и да ги почитуваат насоките и наредбите на полицијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни