Македонија

Езеро Рупа – скриениот бисер на Пелистер

Езеро Рупа – скриениот бисер на Пелистер

Езерото Рупа се наоѓа веднаш под северниот гребен на Врв Р’жана(2334мнв). Врвот Р’жана е најјужниот врв во рамки на НП Пелистер, а неговиот северен гребен е познат и под името Гарван. Базенот на глацијалното езеро Рупа е со дијаметар од околу шеесетина метри и околу два метри длабина. За време на Првата светска војна, низ природниот бедем на езерото е ископан канал и водата е испуштена со цел базенот на езерото да се користи за потребите на присутните војски. Затоа денес можи да се забележи многу мала количина на вода, но само во текот на влажните периоди.

Веднаш под францускиот пат кој поминува покрај езерото Рупа, започнува зоната на строга заштита која покрива најголем дел од површината чија форма на релјеф подсетува на природен амфитеатар исцртан со врвовите Балтан, Цуце, Р’жана, преку Лош Камен, Муза, Голема Грива, Орлов врв, па се до Големо врвче. На оваа територија од НП Пелистер може да се забележи субалпска букова и елова шума, придружена од боровинка и смрека.

Станува збор за еден од најтешко достапните терени на Пелистер за сите посетители, но и за ренџерската служба. Денес активностите на ренџерите во тој дел се ограничени поради недостапноста на теренот. Во соработка со Македонско еколошко друштво во периодот кој следи заеднички ќе работиме на реставрација на езерото Рупа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни