Филипче со повик до Мицкоски за „поткупот“ – Влада: Обидот за поткуп за третата делница отвора прашања за претходните две

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го повика премиерот Христијан Мицкоски да ги предаде сите информации што ги има за обидот за поткуп до Јавното обвинителство. Премиерот неодамна кажа дека бил жртва на обид за поткуп за тендерот за железницата кон Бугарија, а според Филипче тоа се сериозни наводи кои мора да се истражат, особено поради фактот што станува збор за НАТО коридор за мобилност, кој служи за брзо распоредување на војници од Италија до Турција.

„Тоа што премиерот го изјави на прес-конференција е многу сериозно, меѓутоа зачудува што тој го изјавува, а ниту една друга институција за тоа нема информации. Нема информации ОЈО, нема информации ДКСК. Инсистираме ОЈО да отвори постапка, премиерот да ги каже сите информации, поради тоа што, ако тоа не се случи, тој е на некој начин соучесник во тоа.“, вели Филипче.

Филипче воедно одговори дека нема информации дали кај претходната Влада имало сомнежи за корупција поврзани со овој тендер. На повикот на Филипче до Мицкоски реагираа од Владата. Оттаму велат дека тие како главен столб го имаат владеењето на правото и поставија прашања како биле спроведени изминатите тендери.

„Обзнанувањето на обидот за поткуп за изградбата на железницата, отвора неколку прашања за претходните делници, еден и два. Како е можно за Делница 1 и за Делница 2, подизведувачи да се фирми од Струмица и од Мала Речица? И секако, имајќи го претходно предвид, ако обидот за поткуп не минал сега за Делница 3, што се случувало во минатото и зошто минатиот премиер молчи?“, прашаа од Влада.

Последно, од Обвинителството кажаа дека кај нив нема пријава за обид за поткуп. Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека Министерството, но и Македонски железници – Инфраструктура, ги повлекле своите членови од евалуационите комисии за понудите на тендерот. Николоски не одговори кои компании аплицирале на тендерот што беше отворен до 26 јуни – кажа дека процесот е доверлив, но дека некоја од компаниите би можела преку посредници да направи обид за поткуп.