Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук жестоко го нападна премиерот Христијан Мицкоски, нарекувајќи го авторитарен лидер кој се обидува да воспостави диктатура и ја потценува интелигенцијата на граѓаните.
„Добро е што Мицкоски сфатил дека народот има очи да гледа и памет да размислува“, напиша Филипче, реагирајќи на слоганот на ВМРО-ДПМНЕ – „Најдоброто допрва доаѓа“, кој го оцени како навреда за граѓаните по четири години локална и една година централна власт.
Според него, Мицкоски нема кредибилитет да зборува за правда, бидејќи, како што вели, направил сè за да ги заштити луѓето блиски до него кои се одговорни за „најголемата трагедија во модерната историја на Македонија“, алудирајќи на случај кој најави дека јавноста ќе го дознае наскоро.
Филипче го обвини премиерот и за економски промашувања. „Македонија има најлош животен стандард во Европа, платите стагнираат, инфлацијата дивее, а државниот долг е зголемен за 7 милијарди евра“, наведе тој, обвинувајќи ја Владата за расипничко трошење и живот во луксуз.
Тој го постави и прашањето за судската постапка околу договорот со компанијата „Бехтел и Енка“, обвинувајќи за покачување на вредноста на проектот за 700 милиони евра и алудирајќи на можни провизии.
Во објавата, Филипче оцени дека „врховизмот“ кој го препознава во владеењето на Мицкоски претставува „најголемо предавство што може да го направи еден Македонец“, и подвлече дека ВМРО, НОБ и АСНОМ се темели на борба против авторитаризам.
Филипче заврши со критика за состојбата во Битола, која е под локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи „нели му беше непријатно на Мицкоски да се вози по дупките до Хераклеја и низ запуштената околина“.