Македонија

Филков: Лога го земал класифициран документ од Оценската мисија на ЕУ

Филков: Лога го земал класифициран документ од Оценската мисија на ЕУ

Министерот за правда Игор Филков објави информации за актуелниот случај поврзан со документот од Оценската мисија на Европската комисија. На денешната прес-конференција, Филков истакна дека постапката за случајот е во тек и дека ќе се бара одговорност.

Тој посочи дека, и покрај тоа што документот со препораки бил класифициран, бил земен од неговиот претходник, екс-министерот Кренар Лога, и дека Министерството за правда повеќе не располага со него.

„Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото. Голем предизвик во реализација на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценската мисија на Европската комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, истиот бил земен од мојот претходник, заради што Министерството не располага со истио“, рече Филков.

Министерот нагласи дека недостатокот на документот со препораките претставува голем предизвик за реформите. Тој изјави дека Министерството било принудено да се ослони на електронски верзии на дел од документот, без соодветни образложенија и официјален допис од Европската комисија.

„Го презедов Министерството на многу невообичаен начин без приморедавање од мојот претходник и целосно испразен кабинет од потребна документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, сите во количина од над 200 парчиња и се разбира неплатена фактура од 956 000 денари за добавувачот на истите. Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси, непостоење на евиденција за добивање на користење на мобилни телефони, лаптопи и електрични скутери од страна на мобилниот провајдер што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата Министерство за правда. Нефунционален возен парк и слободно можам да кажам девастирана функционалност на Министерството“, додаде Филков.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни