Правосудниот испит во Македонија, според актуелната законска регулатива, може да се полага исклучиво на македонски јазик, а во моментов не постои законска основа за негово полагање на друг јазик, изјави поранешниот министер за правда и претседавач на Централниот одбор на Движењето ЗНАМ, Игор Филков.
На прес-конференција, Филков нагласи дека останува доследен на ставовите што ги застапувал и додека ја извршувал министерската функција, посочувајќи дека секое евентуално решение мора да биде во согласност со Уставот и законите.
„Во моментов нема можност за полагање на друг јазик според Уставот и законите на Република Македонија. Да почекаме да се изнајде решение, да го видиме, па потоа ќе разговараме“, порача Филков.
Тој истакна дека прашањето не е дали лично поддржува или се противи на полагањето на други јазици, туку дали таквата можност е предвидена со постојната законска рамка.
Осврнувајќи се на најавите за таканаречено хибридно решение, Филков рече дека за предлогот дознал од медиумите, но изрази загриженост поради противењето на дел од засегнатите страни.
Според него, особено проблематично е што предложениот модел бил отфрлен од лица кои во иднина планираат да работат како судии, обвинители или адвокати во институции во кои ќе треба да го користат македонскиот јазик.
Филков порача дека ЗНАМ останува на досегашната позиција и дека за евентуални промени може да се разговара дури откако ќе биде претставено конкретно решение усогласено со уставните и законските одредби.