Филмот на Тамара Котевска не влезе во топ 15

Македонскиот документарен филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска го заврши својот пат кон најпрестижната филмска награда. Иако филмските кругови му предвидуваа светла иднина и важеше за сериозен кандидат, Американската академија за филмска уметност и наука не го вброи меѓу 15-те остварувања кои продолжуваат во финалната трка за Оскар.

Со објавувањето на листата за потесен избор (shortlist), официјално заврши оваа фаза од селекцијата за претстојното 98-мо доделување на Оскарите. Конкуренцијата оваа година беше исклучително силна – во категоријата за документарен филм се натпреваруваа дури 201 квалификувано остварување.

И покрај тоа што филмот не продолжува понатаму, режисерката Котевска останува горда на постигнатиот успех и меѓународниот одек на приказната.

„Среќна сум поради тоа што една македонска приказна одекна во светот и поради поддршката што ја добиваме јас и филмот од целата нација. ’Силјан‘ станува значаен и гласен, а тоа е најдлабоката поента на едно филмско дело“, изјави Котевска по објавувањето на резултатите.

Финалните номинации за Оскарите ќе бидат соопштени на 22 јануари 2026 година.

„Приказната за Силјан“ беше во трка во две категории – за најдобар странски филм (каде се натпреваруваа 86 земји) и за најдобар документарец. Филмот, кој беше откупен од светскиот гигант „Нешнал географик“ (National Geographic) и поддржан од нашата Агенција за филм, зад себе веќе има богата фестивалска историја и продолжува да го живее својот живот во кино салите ширум светот.