Чешкиот парламент рано утрово, во 4:36 часот, го пропушти во следната законодавна фаза контроверзниот предлог-закон со кој се предвидува укинување на претплатата за Чешката телевизија и Чешкото радио и нивно директно финансирање од државниот буџет. Одлуката предизвика масовни протести во Прага, а новинарите предупредуваат дека новиот модел може сериозно да ја загрози независноста на јавните медиуми.
По речиси 20-часовна парламентарна расправа, владејачката коалиција на премиерот Андреј Бабиш успеа да го спречи отфрлањето на законскиот предлог во првото читање. Од 177 присутни пратеници, 81 гласаа за негово отфрлање, додека 96 пратеници од владејачкото мнозинство се спротивставија на таквото барање.
Со ова законот сè уште не е усвоен, туку продолжува во понатамошна парламентарна процедура.
Опозицијата обвинува за обид за ставање на медиумите под државна контрола
Контроверзниот предлог ненадејно бил ставен на дневниот ред во петокот, на барање на Радим Фиала, пратеник од партијата Слобода и директна демократија (СПД).
Владејачката коалиција одлучила гласањето да се одржи во сабота, точно во 4:36 часот наутро, а парламентарната расправа била временски ограничена.
Опозициските партии остро реагираа, обвинувајќи ја власта дека намерно ја ограничила дебатата за закон кој директно влијае врз независноста на јавниот сервис. Според опозицијата, од 65 пратеници пријавени за дискусија, најголемиот дел не добиле можност да се обратат.
Лидерот на опозициското движење Градоначалници и независни, Вит Ракушан, го обвини премиерот Бабиш дека власта го искористила ноќното заседавање за да протурка контроверзни законски измени.
Опозицијата најави и можност за обраќање до Уставниот суд поради начинот на кој била спроведена парламентарната постапка.
Бабиш: Укинувањето на претплатата е наше изборно ветување
Премиерот Андреј Бабиш ги отфрли обвинувањата дека законските измени претставуваат напад врз демократијата.
Тој порача дека укинувањето на телевизиската и радиопретплатата било дел од предизборната програма на неговата партија АНО и дека владата само ги исполнува дадените ветувања.
Претседателот на парламентот и лидер на СПД, Томио Окамура, го бранеше предлогот со образложение дека граѓаните не треба задолжително да плаќаат за медиумски услуги што не ги користат.
Според сегашниот модел, чешките домаќинства плаќаат вкупно 205 чешки круни месечно за јавниот телевизиски и радиосервис.
Со предложените измени, овие средства би се обезбедувале директно преку државниот буџет, што според критичарите би им овозможило на политичките власти поголемо влијание врз финансирањето на медиумите.
Стотици граѓани ја поминаа ноќта пред парламентот
Додека пратениците расправаа, стотици граѓани протестираа на Малостранскиот плоштад во Прага, непосредно пред зградата на парламентот.
Демонстрантите извикуваа пароли во одбрана на независните медиуми, а дел од нив останаа пред парламентот до раните утрински часови за да го дочекаат гласањето.
На протестот се приклучија новинари, актери, уметници и претставници на граѓански организации.
Во еден момент група демонстранти се обидела да влезе во парламентарната зграда, по што интервенирала полицијата. Според објавените информации, немало приведени лица.
Поддршка за јавниот сервис изразија и актери од прашките театри, вклучително и од Националниот театар.
Новинарите најавија штрајк на 3 ноември
Вработените во Чешката телевизија и Чешкото радио најавија еднодневен штрајк за 3 ноември, во знак на протест против предложениот начин на финансирање.
На измените се спротивставија и меѓународни новинарски организации, предупредувајќи дека финансирањето директно од буџетот, без доволно законски гаранции, може да создаде политичка и финансиска зависност.
Граѓанската иницијатива „Милион моменти за демократија“ најави нови протести во Брно и во Прага, каде што во недела се очекува собир на Староградскиот плоштад.
Законот допрва треба да биде усвоен
Предлог-законот сега оди на разгледување во парламентарната комисија за медиуми и култура, по што повторно треба да се најде пред пратениците.
За да стапи во сила, ќе мора да ја помине преостанатата законодавна процедура, вклучувајќи го и разгледувањето во Сенатот и постапката пред претседателот Петр Павел.
Владејачката коалиција на Бабиш располага со 108 од вкупно 200 пратеници во долниот дом, што ѝ овозможува да надгласа одредени блокади во законодавната постапка.
Случајот отвори поширока дебата во Чешка за тоа дали јавните медиуми можат да ја зачуваат својата уредувачка независност доколку нивното финансирање директно зависи од годишните одлуки на владата.