Македонија

Финансиска полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување од над 4,5 милиони денари

Финансиска полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување од над 4,5 милиони денари

Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струга против физичко лице, сопственик и управител на правно лице, како и против самата компанија, поради сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“.

Според пријавата, осомничениот Б.З., како сопственик и управител на фирмата, во текот на 2025 година не ги прикажал како приход застарените и ненамирени обврски на правното лице во вкупен износ од 30.946.170 денари.

Од Финансиската полиција посочуваат дека станува збор за обврски кои, согласно Законот за облигационите односи, биле застарени, а за нив не биле поведени судски постапки за наплата.

И покрај тоа, според наводите во кривичната пријава, обврската не била прикажана во даночниот биланс за 2025 година. Со тоа, како што се наведува, не бил пресметан, пријавен и платен данок на добивка од 10 проценти, во износ од 3.094.617 денари.

Дополнително, пријавениот, според Финансиската полиција, не ги прикажал како непризнаен расход за даночни цели и книговодствено евидентираните позајмици дадени на физички лица, во вкупен износ од 14.254.665 денари, кои не биле вратени до крајот на годината.

За овој износ, како што се наведува, исто така не бил пресметан и платен данок на добивка по стапка од 10 проценти, односно 1.425.467 денари.

Со непријавувањето на двете даночни обврски, според пријавата, бил избегнат данок во вкупен износ од 4.520.084 денари, со што за истиот износ бил оштетен Буџетот на Република Северна Македонија.

Финансиската полиција случајот го доставила до Основното јавно обвинителство Струга за натамошно постапување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни